Ekipa
01 Септември 2019•Ажурирај: 03 Септември 2019
КАБУЛ (АА) - Близу до постигнување договор, Соединетите Американски Држави (САД) и Талибанците ја завршија последната рунда од маратонските мировни преговори во Доха, Катар, истакна високиот претставник на Вашингтон за помирување во Авганистан, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Ние сме на прагот на договор што ќе го намали насилството и ќе ја отвори вратата за Авганистанците да седнат на маса, да преговараат за чесен и одржлив мир и обединување, за суверен Авганистан кој не претставува закана за Соединетите Американски Држави (САД), нејзините сојузници или која било друга земја“, објави на Твитер Залмај Халилзад, специјален претставник на САД за помирување во Авганистан, на пат кон авганистанскиот главен град, Кабул.
Халилзад, американски дипломат роден во Авганистан, треба да се сретне и да го информира авганистанскиот претседател, Ашраф Гани, за развојот на настаните на преговорите.
На помалку од еден ден пред објавувањето на можен договор, се случи самоубиствен напад на Талибанците во авганистанската покраина Кундуз, во кој загинаа 10 лица, а повредени се петмина, меѓу кои и началникот на полицијата.
Тоа се случи неколку минути откако официјалните лица соопштија дека одвратиле напад на Талибанците врз стратешки важниот град на северот на земјата.
Гани го нарече нападот „неуспешен“ на Талибанците, во текот на мировните преговори на САД со раководството на Талибанците во Катар.
Фероз Башари, портпарол на Владата, во серија твитови напиша дека најмалку 26 Талибанци се убиени во воздушен напад во Захаил, во Кундуз. Тој ги обвини Талибанците дека ги користат цивилите како човечки штит.
Кундуз, некогашно упориште на Талибанците на север, двапати кратко падна во нивни раце во 2015 и 2016 година. Градот поврзува многу северни покраини со главниот град Кабул.