Hakan Çopur
13 Август 2018•Ажурирај: 14 Август 2018
ВАШИНГТОН (AA) - На првата годишнина од протестите во Чарлотесвил, САД, на протестите на екстремните десничари одржани во недела во Вашингтон се собраа 30 лица, додека илјадници луѓе се собраа на демонстрациите против расизмот, јавува Anadolu Agency (AA).
Екстремните десничари пред Белата куќа организираа протести наречени „Обединете ја десницата – 2“, во текот на кои се преземени високи безбедносни мерки.
Иако во американските медиуми неколку дена се пишуваше за овие протести, на нив се собраа само 30 луѓе.
Демонстрантите од излезот на метро станицата до Белата куќа ги следеше полиција, а се собраа во паркот „Лафајети“ и извикуваа различни слогани.
Иако немаше инциденти, полицијата ги следеше демонстрантите до враќањето на метро станицата.
Во Вашингтон се организирани и демонстрации насочени против расизмот, на кои се собраа неколку илјади луѓе, од сите нации и слоеви на општеството.
Демонстрантите извикуваа антирасистички слогани и ја критикуваа политиката на претседателот на САД, Доналд Трамп.
Многу улици беа затворени за сообраќај, а преземени се мерки за да не дојде до контакт помеѓу екстремните десничари и антирасистите на метро станиците.
На протестите „Обединете ја десницата“ на екстремните десничари одржани на 12 август 2017 година во Чарлотесвил дојде до нереди. Возило тргна кон групата антирасисти, при што едно лице почина, а 19 беа повредени, по што во градот беше прогласена вонредна состојба. Тоа доведе до напнатост помеѓу екстремните десничари и антирасисти, а Трамп не реагираше, што предизвика незадоволство и критики во јавноста.