Kasım İleri
16 Септември 2016•Ажурирај: 17 Септември 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Стејт департментот вчера соопшти дека САД нема да го објави целиот текст од неодамнешниот договор постигнат со Русија за примирјето во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Тој договор е постигнат како билатерален договор меѓу САД и Русија. Се работи за чувствителни теми за кои веруваме дека би биле злоупотребувани или погрешно протолкувани доколку се објават во јавноста“, изјави порпаролот на Стејт департментот, Марк Тонер.
Тонер додаде дека објавувањето на текстот може да ја загрози опозициската група на ризик, бидејќи нивните имиња и локации се наведени во текстот.
Она што се знае во врска со договорот е дека умерените сириски опозициски групи и сирискиот режим ќе имаат седумдневен прекин на непријателствата и страните ќе дозволат пристап за хуманитарната помош до опколените области.
Иако официјалните претставници на САД велат дека договорот е во сила, тие признаваат дека хуманитарната помош треба допрва да пристигне во зафатените области и го обвинуваат режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад за одложувањето.
„И покрај напредокот што го видовме како последица на безбедносната ситуација на тлото на Сирија, не видовме соодветен напредок во доставувањето на хумантарната помош. Главната пречка за тоа беше режимот на Асад“, вели портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест.
Тој ја обвини Русија за неуспехот да го искористи своето влијание врз режимот на Асад со цел хуманитарната помош да пристигне во опколените места.
„Постојат стотици илјади, ако не и милиони Сиријци кои се во очајна состојба. И во овој момент, камионите што треба да ја достават хуманитарната помош се наоѓаат напразно на другата страна од границата“, додаде тој.
Според официјалните претставници на САД, доколку Русија и режимот ги исполнат своите обврски во рамките на договорот, Вашингтон и Москва ќе одржат билатерални разговори за можна воена соработка против ДАЕШ, како и Фронтот Нусра, кој од неодамна се оддели од Ал Каеда и се преименува како Јабхат Фатех ал-Шам.
Тонер вели дека администрацијата на САД го прави најдоброто за да ги одговори прашањата од партнерите и медиумите во однос на договорот.
Официјалните претставници на САД и на Меѓународната група за поддршка на Сирија наредната недела детално ќе го разгледаат договорот на маргините на годишните состаноци на Генералното собрание на ОН, додаде тој.
Во Меѓународната група за поддршка на Сирија спаѓаат Турција, Саудиска Арабија, Кина, Германија, Франција, Ирак како и европските и арапските земји, Арапската лига и Европската Унија.