Ekipa
19 Септември 2016•Ажурирај: 19 Септември 2016
ЊУЈОРК (АА) - Во американската сојузна држава Њу Џерси, во канта за отпадоци на железничка станица, синоќа е откриен сомнителен пакет, поради што е сопрен сообраќајот и евакуирано е подрачјето, пренесува Anadolu Agency (AA).
Градоначалникот на Елизабет, Кристијан Болвејџ рече дека во неделата, околу 21:30 часот, двајца мажи забележале сомнителен пакет во кој виделе жици и цевки, и ја повикале полицијата. На местото на настанот излегле и специјалните единици за уништување експлозивни направи.
Болвејџ изјави дека постои сомнение оти станува збор за бомба и дека ФБИ и државната полиција ќе одлучат на кој начин да се отстрани уредот.
Властите соопштија дека сообраќајот на релација од аеродромот „Њуарк либерти“ до железничката станица „Елизабет“ е прекинат. Од Одделението за управување со итни состојби во Њујорк соопштија дека е сопрен и железничкиот сообраќај меѓу двете сојузни држави, истакнувајќи дека возовите на „Амтрак“ се задржани на железничката станица „Пен“ во Њујорк.
Овој инцидент се случи непосредно по експлозијата во Њујорк, во саботата вечер, на Менхетен, во која беа повредени 29 лица.
Сè уште нема сигурни докази за тоа кој е одговорен за нападот. Подрачјето каде што се случи експлозијата сè уште се наоѓа под високи мерки на безбедност, а околните улици и понатаму се затворени за сообраќај.