Ekip
04 Мај 2022•Ажурирај: 05 Мај 2022
ХЈУСТОН (АА) - По Тексас, Оклахома стана втора сојузна американска држава која со закон го забрани абортусот по шестата недела од бременоста, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Сакам Оклахома да биде држава која најмногу се залага за живот во САД. Ги застапувам сите 4 милиони жители на Оклахома кои во огромно мнозинство сакаат да ги заштитат неродените“, напиша на Твитер гувернерот Кевин Стит, откако ја одобри примената на Законот за абортус.
Забраната за абортус во Оклахома стапува на сила веднаш и забранува абортуси откако ќе се открие отчукувањето на срцето на фетусот, што вообичаено се случува околу шестата недела од бременоста.
Како и забраната во Тексас која стапи на сила во септември 2021 година, Законот за абортус во Оклахома им дозволува на граѓаните да го тужат оној кој ќе изврши абортус, има намера да ја изврши таа постапка или ѝ помага на жената да абортира откако ќе се открие срцевата активност. Граѓаните за таква пријава ќе добиваат и награда од најмалку 10.000 долари.
Со закон се одобруваат абортуси кои се изведуваат како резултат на итна медицинска помош, но нема исклучоци ако бременоста е резултат на силување или инцест.
„Оваа забрана за абортус ќе го намали пристапот кон абортусот на многу заедници кои веќе се соочуваат со непремостливи бариери во здравствената заштита, вклучително заедниците со црнци, заедниците со ниски приходи и луѓето кои живеат во рурални подрачја. Не можеме да дозволиме овој закон да стапи на сила“, рече Тамја Кокс Тур, копретседателката на Здружението за репродуктивна правда на Оклахома.
Нејзината организација е една од неколкуте групи, вклучително Американската федерација за планирано родителство, кои поднесоа тужба за да се блокира забраната за абортус во Оклахома.
Пред забраната во Тексас да стапи на сила минатата година, околу 40 жени месечно патувале од Тексас во Оклахома за абортус. Тој број се искачи на 222 во септември и 243 во октомври.