Beyza Binnur Dönmez
24 Јули 2020•Ажурирај: 25 Јули 2020
АНКАРА
Русија продолжува да позиционира воена опрема во Либија преку приватната група Вагнер, работејќи како застапник на руското Министерство за одбрана, соопшти американската војска, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Доставувајќи и материјали и опрема на групата Вагнер, Русија продолжува да презема улога со која не е од помош во Либија“, се вели во соопштението на шефот на операциите на Командата на американските сили во Африка (AFRICOM) бригадниот генерал на американскиот поморски корпус Бредфорд Геринг.
„Фотографиите продолжуваат да го откриваат она што тие постојано го негираат“.
Геринг додаде дека видот и обемот на опремата покажува „намера кон одржливи офанзивни борбени дејствија, а не хуманитарно олеснување и укажува дека руското Министерство за одбрана ги поддржува овие операции“.
Опремата има капацитет да „спроведе кинетички операции“ и „ претставува ризик за сите цивили“.
АФРИКОМ, исто така, сподели две нови фотографии во кои се детализира соработката со вооружувањето меѓу Русија и групата Вагнер.
На првата фотографија се прикажани силите и опремата на Вагнер на првите линии на либискиот конфликт во Сирт. Втората фотографија го покажува обемот на опремата што се доставува на Вагнер со руски воен карго-авион.
На фотографиите се прикажани и сервисни камиони на „Вагнер“ и руски камиони отпорни на мини. Оклопни возила кои заштитуваат од заседа исто така се присутни во Либија.
„Фотографиите го отсликуваат широкиот опсег на руското учество“, изјави бригадниот генерал на американската армија, Грегори Хадфилд, заменик директор за разузнавање на АФРИКОМ.
Во соопштението на АФРИКОМ се вели дека Руската Федерација „продолжува да ја крши Резолуцијата 1970 на Советот за безбедност на ОН, со активно обезбедување воена опрема и борци во првите фронтови на конфликтот во Либија“.
Од АФРИКОМ во мај предупредија дека најмалку 14 авиони Mig-29 и Su-24 биле пренесени од Русија во Сирија, а претходно биле обезбедени и докази со фотографии дека Вагнер поставил нагазни мини и импровизирани експлозивни направи во цивилни области во и околу Триполи.
Во април 2019 година, нелегитимните сили на Хафтар започнаа напади врз либискиот главен град Триполи и други делови на северозападна Либија, во кои загинаа над 1.000 лица, меѓу кои жени и деца.
Силите на либиската легитимна Влада неодамна остварија значајни победи, протерувајќи ги силите на Хафтар од Триполи и стратешкиот град Тархуна.
Владата на национално единство на Либија е меѓународно признаена од страна на Обединетите нации (ОН), додека Калифа Хафтар, водачот на нелегитимните вооружени сили на истокот од Либија, поддржан е од страна на Русија, Франција, Египет и ОАЕ.