Dejan Maksimovic
24 Јули 2020•Ажурирај: 25 Јули 2020
ПАРИЗ
Формула 1 објави дека се откажани уште 4 трки од овосезонскиот календар на натпреварување поради пандемијата на коронавирусот, и тоа сите на тлото на Америка. Станува збор за Големите награди на САД, Бразил, Мексико и Канада, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Од Формула 1 информираа дека таквата одлука е донесена „поради флуидната природа на пандемијата на Ковид-19, локалите ограничувања и важноста на заштитата на заедницата и нашите колеги“, додавајќи дека претходно се спроведени консултации со соодветните партнери во земјите погодени од коронавирусот.
Чејс Кери, претседател и извршен директор на Формула 1 изјави дека се радува што споменатите трки ќе бидат во распоредот за 2021 година.
„Би сакал да им оддадам почит на нашите неверојатни партнери во Америка и се радуваме што повторно ќе бидеме со нив следната сезона, кога повторно ќе бидат во состојба да ги воодушеват милионите обожаватели на Формула 1 ширум светот“, истакна Кери.
Исто така, од Формула 1 објавија дека во овогодинешниот календар се вметнати уште 3 трки. Трката за Големата награда на Португалија оваа сезона ќе се одржи по првпат по 1996 година, а во календарот се и трките на класичните патеки во Имола и во Нирбургринг.
Трката за Големата награда на Португалија ќе се одржи на 25. октомври. Две недели претходно ќе се вози Големата награда на Ајфел во Нирбургринг, додека Големата награда на Емилија-Ромања во Имола ќе се вози на 1. ноември.
Овосезонскиот календар од шампионатот во Формула 1 во потполност е сменет поради пандемијата на коронавирусот. Претходно отпаднаа низа трки кои беа планирани, а вметнати се некои нови, како што е денешната одлука за одржување на Големата награда на Португалија и враќањето во календарот на натпреварувањата на трките во Имола и во Нирбургринг. На некои патеки, како што се РБ Ринг во австрискиот Спулберг и британскиот Силверстон ќе се возат или се возени по 2 трки.