Islam Doğru
09 Септември 2020•Ажурирај: 13 Септември 2020
ЊУЈОРК (АА) - На стотици локации во американската сојузна држава Калифорнија продолжуваат шумските пожари. За воспоставување контрола над овие пожари, ангажирани се над 14.000 пожарникари, известува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението што го објави амариканскиот Сервис за шуми се наведува дека секоја година во периодот септември - октомври, именуван како „сезона на пожари“, поради сувото и топло време избувнуваат пожари. Оваа година забележано е зголемување на пожарите во кои изгоре рекордна површина од над 800.000 хектари.
Во гаснењето на пожарите ангажирани се повеќе од 14.000 пожарникари, 2.400 противпожарни возила и 95 воздухоплови за гаснење на пожарите од воздух.
Од изминатиот викенд досега, воени спасувачки хеликоптери на Националната гарда, од подрачјата на кои беснеат пожарите извлекоа 12 лица од околината на Националната шума Сиера, 13 од Чајна пик, 22 лица од околината на езерото Едисон. Оваа година со хеликоптер од местата зафатени од пожари се спасени вкупно 215 лица.
Додека во северниот дел на оваа сојузна држава, на подрачјето на брегот на Сан Франциско пожарите делумно се ставени под контрола, пожарите продолжуваат да беснеат на подрачјето на градовите Лос Анџелес, Сан Бернардино и Сан Диего сместени во јужниот дел на Калифорнија. Во овие подрачја евакуирани се некои населени места, а подрачјата на осум национални шуми се затворени.
Поради пожарите на ниво на целата сојузна држава прекината е електричната енергија во 21 подрачје, од што ќе бидат погодени приближно 200.000 лица.
- Шумските пожари во Калифорнија исклучително опасни -
Ренди Мур од Сервисот за шуми во Пацифичкиот Регион, соопштувајќи дека во претстојните денови поради топлото и суво време временските услови уште повеќе ќе се влошат, предупреди: „Шумските пожари во Калифорнија се многу опасни, и поради тоа целата ситуација треба сериозно да се сфати.“
Потенцирајќи дека дел од пожарите што започнаа изминатиот петок, под влијание на ветровите во еден ден напредувале и до 24 километри, Мур информира дека околу 200 жители чии домови изгореле во пожарите, се сместени во околните училишта, цркви и библиотеки.
На ниво на целата држава, од 15 август досега удриле повеќе од 13.000 грома, предизвикувајќи повеќе од 900 пожари. Во овие пожари животот го загубија 8 лица, а оштетени се повеќе од 3.300 објекти.
Властите околу предвидувањето на временската прогноза, покрај топлото време и непредвидливиот ветер, како поголема опасност ги посочуваат ударите на гром, предупредувајќи го населението во државата да биде подготвено наспроти пожарите и во состојба на готовност.
- Претседателот Трамп пожарот во Калифорнија го прогласи за голема катастрофа -
Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, пожарите што продолжуваат да беснеат во сојузната држава Калифорнија ги прогласи за голема катастрофа и одобри федерална помош.
Гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, изјави дека претседателот Трамп ветил дека ќе помогне околу кризното советувње, засолништата и други социјални услуги за луѓето погодени од пожарите во државата.
- „Кемп Фајр“ -
Во Сојузната држава Калифорнија на 8 ноември 2018 година пожарот кој беше именуван како „Кемп Фајр“, предизвикувајќи штета од 16,5 милијарди долари, стана природна катастрофа која предизвика најголема материјална штета таа година.
Во шумскиот пожар кој тогаш избувна во северниот дел на државата, во градот Парадајс изгореа приближно 14.000 куќи, повеќе од 500 работни простории, а приближно 4.300 згради беа уништени. Во пожарот животот го загубија 85 лица.
Во пожарот кој зафати вкупна површина од 620 квадратни километри, во историјата на Калифорнија е запишан како најголем шумски пожар со најголем број човечки жртви.