Dildar Baykan Atalay
01 Февруари 2022•Ажурирај: 01 Февруари 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Џо Бајден, соопшти дека Конгресот е известен за давањето статус на Катар како важен сојузник кој не е земја членка на НАТО, јавува Агенција Анадолија (АА).
Бајден даде изјава за медиумите во врска со билатералната средба со емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад ал Тани.
Тој потсети дека партнерството меѓу Катар и САД трае 50 години, дека Катар обезбеди дом за десетици илјади Авганистанци, и дека има значајна улога во решавањето на палестинското прашање.
„Катар е добар пријател и сигурен партнер. Го информирам Конгресот за планот Катар да се дефинира како важен сојузник што не е член на НАТО. Тоа е показател за тоа колку е важен нашиот однос и време е да го направиме тоа“, рече Бајден.
Соединетите Американски Држави (САД) досега имаат 18 земји кои ги сметаат за важни сојузници кои не се членки на НАТО.
Според законот од 1987 година, тогашниот американски претседател Роналд Реган ги вклучи Австралија, Египет, Израел, Јапонија и Јужна Кореја во таа категорија.
Кога станува збор за земјите од Персискиот Залив, поранешниот претседател Џорџ Буш во таа категорија ги стави Бахреин и Кувајт.