Dildar Baykan Atalay
01 Февруари 2022•Ажурирај: 02 Февруари 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Руската Влада дала писмен одговор на американските предлози за намалување на тензиите во украинско-руската криза, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Зборувајќи за американските медиуми, висок функционер за надворешни работи, кој сакаше да остане анонимен, рече дека добиле одговор од Русија за понудите на Соединетите Американски Држави (САД) за Украина.
„Може да потврдиме дека добивме писмен одговор од Русија. Би било контрапродуктивно да разговараме за деталите од одговорот јавно. Затоа оставаме на Русија да зборува за нивниот одговор“, рече претставникот од Стејт департментот.
Посочувајќи дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ќе остварат телефонски разговор утрово, официјалниот претставник нагласи: „Ние остануваме посветени на дијалогот за решавање на проблемите и ќе одржуваме близок контакт со нашите партнери и сојузниците, вклучително и со Украина.“
- САД минатата недела одговори на руските безбедносни понуди -
Блинкен, на прес-конференцијата одржана во американскиот Стејт департмент на 26 јануари, изјави дека тие писмено одговориле на безбедносните понуди на Русија за Источна Европа.
Наведувајќи дека нема да ги споделат со јавноста деталите од писмениот одговор, Блинкен истакна дека на Русија ѝ се понудени значајни дипломатски опции.
Блинкен рече дека не одговориле позитивно на барањето на Русија „Украина да не биде вклучена во НАТО“, и дека нема промена во политиката на отворени врати на НАТО.