27 Март 2021•Ажурирај: 29 Март 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот набљудувачки сателит „Ѓоктурк-1“ сними фотографии од заглавениот контејнерски брод, што во вторникот се насука во Суецкиот Канал, откако го зафати силен ветер и невреме, јавува Агенција Анадолија (АА).
На фотографиите направени од сателитот јасно може да се види заглавениот брод „Евергрин“ среде египетскиот канал, од птичја перспектива. Фотографиите ги сними турскиот сателит „Ѓоктурк-1“, што е лансиран во декември 2016 година.
Заради огромната тежина и големина на насуканиот брод, операцијата за негово извлекување се спроведува со комбинирани активности на реморкери, со откопување на песокот од дното и со вадење на контејнерите за да се растовари бродот за да биде полесен. Една од досега најтешките блокади на сообраќајот во Суецкиот Канал може да потрае уште некое време.
Низ Суецкиот Канал, што е долг 163 километри, секојдневно транзитира приближно 30 отсто од светскиот сообраќај на контејнерски бродови и околу 12 отсто од вкупната светска трговија на целокупна стока. Годишно низ овој вештачки ископан канал пловат приближно 18.000 бродови и тој претставува главна поморска рута помеѓу Азија и Европа.