Ekipa
26 Јуни 2019•Ажурирај: 27 Јуни 2019
РИЈАД (АА) - Саудиска Арабија соопшти дека едно беспилотно летало на Хусите било соборено во градот Хамис Мушајт во покраината Асир, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според новинската агенција на Саудиска Арабија (SPA), портпаролот на арапската коалиција, полковник Турки ел Малики, потврди дека воздухопловните сили на Саудиска Арабија пресретнале и собориле беспилотно летало на Хусите.
Во информацијата се истакнува дека беспилотното летало е соборено во пустината близу градот Мушајт.
Хусите во последно време, со нападите со беспилотните летала почнаа да претставуваат сериозна закана за Саудиска Арабија. Минатата недела, во соопштението на Хусите беше истакнато дека аеродромот „Џизан“ бил нападнат со беспилотни летала од Јемен.
Од септември 2014 година, Хусите го контролираат Сана, главниот град на Јемен и некои региони. Од март 2015 година, коалиционите сили предводени од Саудиска Арабија ја поддржуваат јеменската Влада против Хусите.