АНКАРА (АА) - Туркије прими пораки со сочувство од целиот свет по експлозијата во рудникот за јаглен во северната турска област Бартин, во која загинаа најмалку 41 лице, јавува Агенција Анадолија (АА).
Државниот врв на Северна Македонија со пораки за сочувство за рударската несреќа во Туркије
Најмалку 110 рудари работеа во окното кога се случи експлозијата во петокот вечерта.
Според министерот за енергетика Фатих Донмез, првичните наоди укажуваат дека експлозијата била предизвикана од рударски гасови (метан), експлозивна мешавина од запаливи гасови во рудниците.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој го посети рудникот во Амасра, рече дека операциите за пребарување и спасување се завршени, и дека во тек е истрага.
Тој истакна дека веднаш ќе им биде пружена поддршка на ранетите работници, како и на семејствата на оние кои ги загубија животите.
„Ве молиме прифатете го нашето најдлабоко сочувство во врска со трагичните последици од несреќата“, порача рускиот претседател Владимир Путин во пораката до Ердоган.
Путин упати жалење и поддршка до семејствата и роднините на повредените, посакувајќи брзо закрепнување.
Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев, исто така, им упати сочувство на семејствата и роднините на загинатите, а на ранетите им посака брзо оздравување.
Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф рече: „Нашите мисли и молитви се со ожалостените семејства и турскиот народ.“
Белорускиот претседател Александар Лукашенко, палестинскиот претседател Махмуд Абас и Нечирван Барзани, челникот на Регионалната курдска управа на северен Ирак, исто така, испратија пораки до Ердоган, и упатија сочувство до семејствата и најблиските на загинатите, а на ранетите рудари им посакаа брзо оздравување.
Израелскиот премиер Јаир Лапид порача: „Израел стои покрај Туркије по ужасната трагедија“, и додаде дека на турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу му го пренел „нашето сочувство до семејствата на загинатите и желби за брзо оздравување на повредените“.
„Исто така, ја понудив помошта на Израел во овие тешки моменти“, напиша тој на Твитер, споделувајќи „емоџи“ со турски и израелски знамиња.
Сочувство упатија и министерствата за надворешни работи на Пакистан, Оман, Јордан, Србија, Бугарија, Египет, Авганистан, Ирак и ОАЕ.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски рече дека со длабока тага ја дознал веста за рударската експлозија во Амасра, во областа Бартин.
„Изразувам сочувство до семејствата и роднините на оние кои ги загубија животите, а на повредените им посакувам брзо оздравување“, напиша Зеленски на Твитер на турски јазик.
Сочувство изразија и амбасадите на Украина, Италија, Велика Британија, САД, Кина, Грција и Франција во Анкара.
Обраќајќи му се на Чавушоглу, француската министерка за надворешни работи Катрин Колон на Твитер напиша: „Искрено сочувство за трагичната загуба на толку многу животи во Бартин. Изразувам мое сочувство до семејствата на загинатите.“
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис истакна дека „Грција е подготвена да испрати итна поддршка за да помогне во активностите за пребарување и спасување“.
Грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас, министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи, министерот за надворешни работи на Латвија Едгарс Ринкевичс, грузискиот министер за надворешни работи Илија Дарчиашвили, холандскиот министер за надворешни работи Вопке Хоекстра, министерот за надворешни работи на Ерменија Арарат Мирзојан и шведската министерка Ен Линде, исто така, упатија сочувство за семејствата и најблиските на загинатите и им посакаа брзо оздравување на повредените.
Претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, на Твитер изрази тага поради инцидентот. „Ожалостен поради трагичната загуба на животи во рудникот за јаглен Бартин во Туркије“, напиша Мишел.
„Мое сочувство до семејствата кои ги загубија најблиските и до целата заедница во овој момент на тага. Најдобри желби до преживеаните и спасувачите“, додаде тој.
Марија Пејчиновиќ-Буриќ, генералната секретарка на Советот на Европа со седиште во Стразбур, преку Твитер порача дека е „длабоко тажна“ од експлозијата во рудникот во Туркије и изрази „искрено сочувство до народот и раководството на Туркије“.
Во својата порака со сочувство, Оливер Вархеји, европскиот комесар за соседска политика и проширување, рече: „Ние сме подготвени да ѝ помогнеме на Туркије.“
„Експлозијата во рудник во Бартин, Туркије, предизвика страшна загуба на животи и многу повредени“, истакна британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли. „Моите мисли и мислите на Велика Британија се со сите погодени од оваа страшна трагедија. Туркије останува силен партнер и сојузник на светската сцена.“
Северна Македонија, Алжир, Јемен, Бахреин, Кувајт, Киргистан, Либија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Косово, Словенија, Австрија, Германија, Малта, Финска, Шпанија, Турската Република Северен Кипар, Казахстан, Таџикистан, Гвинеја Бисао, Шведска, Саудиска Арабија и Чиле исто така изразија сочувство во посебни пораки.
news_share_descriptionsubscription_contact
