Ekipa
19 Јануари 2022•Ажурирај: 21 Јануари 2022
ЖЕНЕВА (АА) - Феноменот Ла Ниња 2020 - 2022 година предизвика привремено снижување на температурите, но 2021 година беше една од седумте најтопли регистрирани години, а Канада забележа температура слична на онаа во пустината Сахара од 50 степени Целзиусови, јавува Агенција Анадолија (АА).
Светската метеоролошка организација (СМО), соопшти дека консолидираното глобално затоплување и другите долгорочни трендови на климатските промени се очекува да продолжат поради рекордното ниво на стакленички гасови кои ја заробуваат топлината во атмосферата.
„Последователното појавување на феноменот Ла Ниња значи дека затоплувањето во 2021 година беше релативно помалку изразено во споредба со последните години. И покрај тоа, 2021 година беше сè уште потопла од претходните години под влијание на Ла Ниња“, рече генералниот секретар на СМО, Петри Талас.
Ла Ниња се однесува на екстензивното снижување на температурите на површината на океаните во централниот и источниот екваторијален Тихи Океан, заедно со промените во тропската атмосферска циркулација.
Обично има спротивни влијанија врз временските услови и климата, од оние што ги има Ел Нињо.
Талас рече дека целокупното долгорочно затоплување поради зголемувањето на стакленички гасови е многу пообемно од варијабилноста на глобалните просечни температури од година во година предизвикана од природните климатски двигатели.
Просечната глобална температура во 2021 година беше околу 1,11 (плус/минус 0,13) степени Целзиусови над нивоата пред индустриската револуција (1850 - 1900).
Според СМО, минатата година беше седма година по ред (2015 - 2021) кога глобалната температура беше над 1 степен Целзиусов над нивоата пред индустриската револуција.
- Канада регистрира температура од 50 степени Целзиусови -
„2021 година ќе биде запаметена по рекордната температура од речиси 50 степени Целзиусови во Канада“, изјави Талас.
„Тоа е споредливо со вредностите пријавени во топлата пустина Сахара во Алжир, исклучителните врнежи од дожд и смртоносните поплави во Азија и Европа, како и сушата во делови од Африка и Јужна Америка“, рече тој.
Тој истакна дека влијанијата на климатските промени и опасностите поврзани со временските услови, на секој континент предизвикале разорни ефекти кои може да имаат промени на животот.
Најтоплите седум години се сите од 2015 година па наваму, а првите три се 2016, 2019 и 2020 година.
Моќниот феномен Ел Нињо кој се случи во 2016 година, придонесе за рекордно глобално просечно затоплување.
СМО соопшти дека користи шест меѓународни сетови на податоци за да обезбеди најсеопфатна, авторитативна проценка на температурата.
Истите податоци се користат во нејзините годишни извештаи за состојбата на климата, информирајќи ја меѓународната заедница за глобалните климатски индикатори.
„Температурата е само еден од показателите за климатските промени“, велат од СМО.
Други показатели се концентрациите на стакленичките гасови, содржината на океанската топлина, pH-вредноста на океаните, глобалното средно ниво на морето, глацијалната маса и обемот на морскиот мраз.
СМО нагласува дека правно обврзувачкиот Париски договор потпишан во 2016 година има за цел да го одржи глобалното просечно зголемување на температурата на под 2 степени Целзиусови, над нивоата пред индустриската револуција, додека се обидува да го ограничи зголемувањето на температурата на 1,5 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа.
„На 1,11 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа (1850 - 1900), глобалната просечна температура во 2021 година веќе се приближува до долната граница на зголемување на температурата што Парискиот договор се обидува да го спречи“, соопшти организацијата.