Mustafa Keleş,Betül Yürük
02 Јуни 2017•Ажурирај: 03 Јуни 2017
ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ (АА) - Стефан Дујариќ, портпарол на генералниот секретар на Обединетите нации, организираше прес-конференција по изјавата на претседателот на САД, Доналд Трамп, дека САД се повлекува од Договорот за климатските промени потпишан во Париз. Дујариќ рече дека одлуката на САД претставува големо разочарување во однос на вложените големи напори за намалување на емисијата на стаклени гасови и зголемување на глобалната безбедност во светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Дујариќ потсети дека Договорот од Париз во 2015 година беше потпишан од страна на сите земји, со цел да се започнат активностите за спас на планетата Земја, која се соочува со сериозни штети поради климатските промени, и истакна дека овој договор е значаен патоказ за сите земји.
Портпаролот Дујариќ нагласи дека во тек е реализацијата на Договорот од Париз. „Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, е убеден дека американските градови, области и претпријатија ќе продолжат да бидат светски лидер во економскиот развој на создавање квалификувани работни места и пазар и намалување на емисијата на јаглерод диоксид во етерот“, рече тој.
Дујариќ истакна дека исклучително е важно САД да продолжи со своето лидерство на полето околу проблемите со животната средина, како и дека генералниот секретар посакува владата на САД и сите значајни фактори во оваа земја одблизу да се ангажираат околу изградбата на одржлива иднина за следните генерации.
- Ники Хејли ја бранеше одлуката на Трамп
Од друга страна, Ники Хејли, постојаниот претставник на САД во ОН, даде писмено соопштение во коешто ја поддржува одлуката на претседателот Трамп за повлекување на САД од овој „договор со недостатоци“. Хејли во писменото обраќање истакнува дека овој договор создава преголем товар за новите вработувања во земјата и излегувањето од овој договор е во интерес на САД.