Ahmet Furkan Mercan
03 Ноември 2022•Ажурирај: 04 Ноември 2022
АНКАРА/ТОКИО (АА) - Северна Кореја лансира три балистички ракети во еден ден, соопшти јужнокорејската војска рано утрово, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Соопштено е дека една од ракетите била истрелана од главниот град Пјонгјанг и се верува дека е интерконтинентална балистичка ракета.
Според јапонските медиуми, ракетата паднала во водите на околу 1.100 километри од брегот на Јапонија.
Јапонското Министерство за одбрана прво објави дека една од ракетите поминала над Јапонија и паднала во Тихиот Океан, но подоцна го коригира соопштението наведувајќи дека исчезнала од радарот и не поминала над Јапонија.
Државната телевизија НХК објави дека ракетите биле лансирани од Северна Кореја во 7:51 часот, 8:41 часот и 8:51 часот по локално време и паднале во Јапонското Море (Источното Море).
Во пораката на системот за рано предупредување „J-Alert“, кој стана оперативен во префектурите Јамагата, Ниигата и Мијаги по првата ракета, од населението беше побарано да не излегува надвор.
Предупредувањето до јавноста беше упатено „откако е забележана ракета која се приближува кон Јапонија“.
Јапонскиот премиер Фумио Кишида за новинарите изјави дека ракетните тестови се нетолерантни.
„За првата лансирана ракета беше проценето дека е интерконтиненталана балистичка ракета“, рече Кишида.
Тој нагласи дека ќе се спроведе соработка со САД и Јужна Кореја со цел да се преземат контрамерки.
Соопштено е дека по тестирањата не е регистрирана штета на пловилата или авионите кои патувале во регионот.
Министерот за одбрана, Хамада Јасуказу, истакна дека „се истражува причината за исчезнувањето [на првата ракета] од радарот“.
Во меѓувреме, Јапонската крајбрежна стража објави дека по првото тестирање, Северна Кореја лансирала уште две ракети, кои наводно паднале во Јапонското Море.
Началникот на Здружениот генералштаб на Јужна Кореја соопшти дека Северна Кореја тестирала балистичка ракета со среден или долг дострел.