Ekipa
20 Септември 2017•Ажурирај: 21 Септември 2017
СЕУЛ (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп изрази цврст и специфичен став кон Северна Кореја кога се закани дека ќе ја уништи изолираната земја, според соопштението објавено денес од страна на претседателската канцеларија на Јужна Кореја, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ние сметаме дека [тој] изрази цврст и конкретен став во врска со важното прашање за одржување на мирот и безбедноста, со кои сега се соочуваат меѓународната заедница и Обединетите нации“, рече портпаролот Парк Соо-Хјун, информира новинската агенција Јонхап.
Тој додаде: „Неговите забелешки во врска со Северна Кореја ја потврдија потребата да се вложат максимални санкции и притисок против нуклеарните и ракетните провокации на Северна Кореја, за таа да сфати дека денуклеаризацијата е нејзина единствена опција за да ја обезбеди својата иднина“.
Претседателот Мун Џае-ин претходно ја истакна желбата на Југот за мир и помирување на полуостровот.
Изјавата од неговата канцеларија беше објавена кратко време откако Трамп заостри својата реторика против Северот, истовремено обраќајќи се до Генералното собрание на ОН во Њујорк.
„САД имаат голема сила и трпеливост, но ако се принудени да се бранат себеси или своите сојузници, нема да имаме друг избор освен целосно да ја уништиме Северна Кореја“, рече Трамп.
Во пресрет на постојаните лансирања на севернокорејските проектили и шестата нуклеарна проба, Трамп, исто така, го посочи лидерот Ким Џонг-ун како „Човек-ракета во самоубиствена мисија“.
Американскиот претседател се надеваше дека воен напад нема да биде неопходен, бидејќи ОН има за цел да го запре развојот на нуклеарното оружје на Пјонгјанг преку економски санкции, но режимот на Ким најверојатно ќе биде загрозен од заканата и недостатокот на почит.