Burak Karacaoğlu,Eşref Musa
30 Август 2019•Ажурирај: 30 Август 2019
ИДЛИБ (АА) - Силите на сирискиот претседател, Башар ал Асад, со воздушна поддршка на Русија, зазедоа населби во источниот дел на Хан Шејкун, во подрачјето на сириски Идлиб, јавува Anadolu Agency (AA).
Режимските сили продолжуваат со нападите на позициите на опозицијата и населбите во југоисточниот дел на Идлиб. Исто така, продолжуваат и да ги ставаат под контрола населбите во тоа подрачје.
Силите на Асад, по нападот, кој трае од синоќа, ја зазедоа населбата Теманије.
Хан Шејкун припаѓа на Идлиб, а во фокусот на светската јавност дојде по нападите со хемиско оружје од април 2017 година, кога загинаа 100 лица.
На состанокот во Астана одржан на почетокот на мај 2017 година, на кој присуствуваа лидерите на Турција, Русија и Иран, Идлиб е прогласен за деескалациска зона на судирите, што се однесува и на Хан Шејкун.
Меѓутоа, режимските сили и неговите сојузници продолжија да го напаѓаат Хан Шејкун, кој поради нападот, од февруари досега го напуштија околу 112.000 цивили, колку што и живееја во него.
Од 2014 година беше под контрола на различни групи, од опозициски до режимски. Се работи за место кое е од стратешка важност за режимските сили, бидејќи се наоѓа на рутата на патот M5 Алепо - Дамаск. И понатаму е цел на постојани напади, кои се интензивирани од февруари и поради кои ова сириско место го напуштија неговите жители.
Информацијата за напуштање на Хан Шејкун ја потврди директорот за координација на сириската борба, Мухамед Халаџ. Според неговите зборови, од 9 февруари од Хан Шејкун се раселени 112.000 цивили.
Тој порача дека во овој сириски град речиси да нема цивили. Халаџ претходно изјави дека цел на нападите на сириските сили и руската авијација биле и училишта, здравствени центри, центри на цивилната заштита и пекарница.
Од февруари, според податоците на сириската опозиција, загинале 125 цивили.
Меѓу нив е и Енес Дијаб, кој беше дописник на Anadolu Agency (AA).