Ahmet Karaahmet,Mehmet Burak Karacaoğlu
21 Март 2021•Ажурирај: 22 Март 2021
ИДЛИБ (АА) - Во напад на силите на Башар ал Асад и нивните проирански сојузници и терористичките групи врз болница во Идлиб загинаа шест цивили, меѓу кои и едно дете, а 15 цивили се повредени, јавува Агенција Анадолија (АА).
Со овој напад силите на режимот на Асад и неговите сојузници го прекршија примирјето во деескалационата зона во Идлиб.
Ибрахим Абу Лаис, шеф за односи со јавноста на сириската Цивилна заштита (Бели шлемови), за АА изјави дека силите на Асад извршиле напад со ракети земја-земја врз болница во местото Ал Етерип.
Тој истакна дека во нападот загинале шест цивили, меѓу кои и едно дете и жена, и дека 15 лица се повредени, од кои четворица потешко.
Ебу Лаис рече дека екипите на Цивилната заштита ги префрлиле ранетите во блиските болници.
Со посредство на Турција, Русија и Иран, за време на мајските преговори во 2017 година во Астана, Идлиб беше прогласен за деескалациона зона, исто како и подрачјата на Хомс, Источна Гута и Дера-Кунејтра. Силите лојални на режимот на Асад го искористија примирјето и со поддршка на руските воздухопловни сили ги зазедоа сите три региони, додека Идлиб остана под контрола на сириската опозиција.
Во Сочи на 17 септември 2018 година беше постигнат дополнителен договор за прекин на судирите и воспоставување демилитаризирана зона во Идлиб. Според договорот, опозициските сили следниот месец го повлекоа тешкото вооружување од Идлиб.
Русија и режимските сили во мај 2019 година започнаа операции со кои зазедоа многу населени места во зоната на деескалација на судирите во Идлиб.
Турција и Русија на 5 март минатата година постигнаа нов договор во Москва.
Режимските сили повремено го прекршуваат примирјето, што во значителна мера се почитува. Во периодот помеѓу 2017 и 2020 година околу два милиони цивили беа принудени да мигрираат кон подрачјата во близина на турската граница.