Ekipa
23 декември 2018•Ажурирај: 24 декември 2018
ИДЛИБ (АА) - Припадниците на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад и странските терористички групи поддржани од Иран, и покрај Договорот од Сочи за заштита на прекинот на огнот, продолжуваат со напади врз подрачјата во рамките на зоните на деескалација во Идлиб, јавува Anadolu Agency (AA).
Режимските сили ги нападнаа населените места и линијата на фронтот на сириската опозиција на подрачјето од кое, според Договорот од Сочи, е повлечено тешкото вооружување.
Локални извори тврдат дека цел на гранатирањето и ракетните напади биле Латамине, Маркабе, ЛаХаје и Закат во Хама, како и селата Зекат и Тел Васит во долината Габ.
Директорот на Цивилната одбрана во Идлиб, Мустафа Хаџ Јусуф, изјави дека режимските сили извеле најмалку 50 напади врз пунктовите во Идлиб.
Тој објасни дека неколку подрачја во југоисточниот дел на Идлиб биле цел на нападите, но дека немало загинати.
Во нападите на режимските сили во Идлиб на 17 септември, денот кога е потпишан Договорот од Сочи, загинаа најмалку 33 цивили, а голем број беа ранети.
Иако опозицијата, во согласност со Договорот, на 10 октомври го повлече тешкото вооружување од одредени подрачја, режимските сили продолжуваат да извршуваат напади.