Adham Kako
25 Декември 2017•Ажурирај: 26 Декември 2017
ИСТОЧНА ГУТА/АНКАРА (АА) - Лекарите и другите здравствени работници од сирискиот град Дамаск повикаа на итна евакуација на неколку стотици пациенти, кои поради опсадата на припадниците на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад не можат да добијат адекватно лекување, јавува Anadolu Agency (AA).
Опсадата е интензивирана во последните осум месеци, а околу 400.000 цивили, од кои половината се деца, се соочуваат со голема хуманитарна криза.
Цел на режимските напади неретко се училиштата и домовите за деца.
До април оваа година постоеја тајни тунели и патишта преку кои на жителите на Источна Гута им беа доставувани храна и лекови. Меѓутоа, со интензивирањето на опсадата тоа стана речиси невозможно, поради што животот на локалното население е дополнително отежнат.
Недостатокот на храна и лекови продолжува да ја загрозува состојбата на пациентите на кои лекувањето им е неопходно, а ситуацијата дополнително ја влошуваат режимските напади на болниците, медицинските центри и складиштата со лекови.
Токму од таа причина, на неколку стотици лица во Источна Гута им е потребно лекување во адекватно опремени болници.
Портпаролот на Дирекцијата за здравство во руралните подрачја на Дамаск, Фејиз Араби, изјави дека опсадата која трае веќе неколку години, негативно се одразила на пружањето на медицинските услуги.
„Бројот на нашите пациенти кои чекаат евакуација поради недоволна количина на лекови и медицински материјал е поголем од 600. Овој број ќе биде и поголем, бидејќи постојат пациенти кои допрва треба да бидат евидентирани“, изјави Араби.
Според неговите зборови, поголем број на лица кои чекаат на евакуација се заболени од карцином, потоа пациенти на кои не им е утврдена дијагноза, како и оние кои итно мора да бидат подложени на оперативен зафат.
„Некои од пациентите мора да се оперираат итно, особено пациентите кои имаат кардиоваскуларни проблеми. Проблемот е тоа што не е одреден временскиот период за евакуација, а кога на еден пациент ќе му се утврди дијагноза, треба да започне и со терапија“, вели Араби.
Тој додаде дека околу 30 лица заболени од карцином починале бидејќи не биле префрлени на време, а 13 лица починале поради тоа што не примале терапија.
Тој потсети дека Турција и претседател Реџеп Таип Ердоган вложуваат напори да се дозволи евакуација на болните.
„За овие пациенти е потребно да се направи нешто што поскоро“, рече Араби.
Лекарот Мухамед Кетуб, кој работи во Медицинскиот центар Тајиб, изјави дека на листата за евакуација се наоѓаат повеќе од 590 лица, меѓу кои не се оние кои не примаат терапија во Источна Гута.
„Болните кои чекаат евакуација од Гута, можеме да ги поделиме во три категории. Првата категорија се лица чие лекување е невозможно во Источна Гута. Пациентите кои ќе бидат извлечени од тука треба да се лекуваат итно. Тоа се лица заболени од карцином и лица кои чекаат операција на срце или очи. Во втората категорија се лица кои треба да примаат терапија со лекови. Во третата група се наоѓаат лица на кои допрва треба да им се одреди дијагноза“, вели Кетуб.
Податоците на Меѓународниот фонд за деца при ОН (УНИЦЕФ) покажуваат дека сѐ повеќе деца умираат од глад и поради недостаток на лекови.
УНИЦЕФ на 10 декември соопшти дека е потребна итна евакуација на 137 деца на возраст меѓу седум и 17 години, со цел да им се укаже медицинска помош. Таа организација на 29 ноември предупреди дека потхранетоста кај децата достигнала најкритично ниво, по започнувањето на војната во Сирија.
Родителите во разговор за АА истакнаа дека некои деца не јадат ништо и по 24 часа, а во најдобар случај добиваат половина оброк, и тоа леб.
Недостатокот на храна предизвика и енормно зголемување на цените, па така чаша млеко чини 1.000 сириски лири (околу 1,6 евра). Килограм ориз чини 2.900 сириски лири (околу 4,75 евра) додека цената на килограм шеќер изнесува 2.450 сириски лири (околу 4 евра).