Mohamad Misto,Muhammed Temim Hocaoğlu
25 Октомври 2020•Ажурирај: 26 Октомври 2020
ДЕИР ЕЗ-ЗОР (АА) - Четворица цивили се ранети, од кои еден потешко, кога терористичката организација ЈПГ/ПКК отвори оган врз луѓето собрани во сирискиот град Деир ез-Зор во знак на протест против Франција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Откако навредливите карикатури на божјиот пратеник Мухамед беа поставени на некои згради во Франција, голем број граѓани во Сирија организираа протести во неколку региони, изразувајќи незадоволство кон Франција и нејзините државни службеници.
Жителите на источниот сириски град Деир ез-Зор, кој се наоѓа под окупација на терористичката организација ЈПГ/ПКК, излегоа на улиците и побараа француските војници да ја напуштат земјата.
Наставниците и учениците во тој регион исто така организираа демонстрации во училиштата.
Во текот на протестот во селото Гараниџ, во источниот дел на Деир ез-Зор, припадниците на ЈПГ/ПКК отворија оган од долгоцевно оружје кон насобраните демонстранти и ранија четворица цивили, од кои едниот е со потешки повреди.
Во Франција во последните денови се интензивирани притисоците и рациите врз муслиманските невладини организации и здруженија.
Да потсетиме, во квартот Конфланс-Сен-Онорин во близина на Париз, на 16 октомври на наставникот по француски јазик, Самуел Пети, му беше отсечена главата. На наставникот пред неговото училиште главата му ја отсече осумнаесетгодишник, кој подоцна беше убиен од полицијата. Наставникот неодамна на учениците на час им покажувал карикатури на божјиот пратеник Мухамед, на што реагирале родителите.
Министерот за внатрешни работи на Франција, Жералд Дарманин, на 19 октомври рече дека ќе бидат затворени многу исламски здруженија и невладини организации, меѓу кои и францускиот Колектив за борба против исламофобијата и здружението „Баракасити“, како и една џамија. Претседателот Макрон, исто така, порача дека во земјата нема да се престане со објавувањето карикатури на пратеникот Мухамед.