Burç Eruygur
16 Декември 2024•Ажурирај: 17 Декември 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Соборениот сириски лидер Башар ал Асад денес се огласи првпат по бегството во Русија тврдејќи дека нашол засолниште во руската база за време на падот на повеќедеценискиот режим на партијата Баас во Сирија на почетокот на овој месец, јавува Анадолу.
Асад, кој владееше со Сирија речиси 25 години, побегна во Русија на 8 декември откако антирежимските групи ја презедоа контролата над главниот град на земјата, Дамаск.
Преземањето следуваше по брзата двонеделна офанзива на антирежимските борци кои, пред Дамаск, ги освоија клучните градови низ целата земја.
Асад во првата изјава по соборувањето, објавена на платформите на социјални медиуми на режимот, вели дека неговото ненадејно заминување од Сирија не било планирано.
Велејќи дека заминал во руската воздухопловна база „Хмеимим“ утрото на 8 декември кога антирежимските сили ја презеле контролата над Дамаск, Асад истакна дека тогаш станало јасно оти неговите сили целосно се повлекле од „сите борбени линии“ и дека нивните последни позиции се разбиени.
Тој рече дека руската база, во медитеранската сириска крајбрежна покраина Латакија, била под засилен напад со дронови во текот на судирите.
„Москва побара командата на базата да организира итна евакуација во Русија вечерта на 8 декември, недела“, додаде тој.
„Во ниеден момент за време на овие настани не размислував да се повлечам или да барам засолниште ниту, пак, беше даден таков предлог од некој поединец или партија“, истакнува тој понатаму, додавајќи дека планирал да продолжи да се бори.