Ata Ufuk Şeker
14 Февруари 2018•Ажурирај: 15 Февруари 2018
БРИСЕЛ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во врска со операцијата „Маслинова гранка“ истакна дека Турција има легитимна загриженост, и дека ниту еден сојузник на НАТО не бил жртва на терористички напади повеќе од Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Столтенберг пред дводневниот Самит на министрите за одбрана на НАТО во Брисел, даде изјава за медиумите при што нагласи дека НАТО на различни начини дава придонес во борбата против тероризмот.
„Турција има одредена легитимна загриженост за безбедноста. Ниту еден сојузник на НАТО не беше жртва на терористички напади повеќе од Турција. Но ние очекуваме Турција да одговори на пропорционален и умерен начин“, рече Столтенберг.
Столтенберг пренесе дека Турција ги информирала сојузниците на НАТО околу операцијата „Маслинова гранка“, и додаде дека очекува Турција да продолжи со информирање на сојузниците на НАТО околу оваа операција.
- Подготовка за Самитот -
Столтенберг информираше дека на Самитот на министрите за одбрана ќе се подготват за самитот на НАТО што ќе се одржи во јули, на кој ќе учествуваат лидерите на земјите-членки на Алијансата.
Како што рече Столтенберг, Самитот ќе започне со сесијата на Групата за нуклеарно планирање, каде ќе се дискутира околу безбедноста и ефективноста на нуклеарните сили на НАТО.
- Нови центри -
Истакнувајќи дека ќе бидат донесени и одлуки околу модернизацијата на командната структура на НАТО, Столтенберг нагласи дека се очекува постигнување на договори околу формирање на Центар за команда и Центар за кибер операции со цел поддржување на воената мобилизација во Европа и Атлантикот.
Столтенберг рече дека во текот на денот ќе разговараат и околу трошоците за одбрана на сојузниците, и додаде дека НАТО има потреба од повеќе пари, капацитет и придонес.
- Односите меѓу НАТО и ЕУ -
Столтенберг информираше дека со учество и на Високата претставничка на Европската Унија (ЕУ) за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, и министрите на Шведска и Финска, ќе дискутираат околу одбранбените напори на ЕУ, и односите меѓу НАТО и ЕУ.
Генералниот секретар на НАТО истакна дека на вториот ден од Самитот ќе се фокусираат на ставот на НАТО за одбрана и одвраќање, и ќе разговараат околу улогата на НАТО во обезбедувањето стабилност и во борбата против тероризмот.
Столтенберг потсети дека НАТО дава поддршка за обука за ирачките сили и Системот за воздушно предупредување и контрола (AWACS) на меѓународната коалиција за борба против ДЕАШ.
„Иако ДЕАШ не држи под контрола одреден регион, таа и понатаму претставува закана“, додаде тој.