Ekip
25 Ноември 2016•Ажурирај: 26 Ноември 2016
БАНГКОК (АА) – Денес, околу 200 лица се собраа пред амбасадата на Мјанмар во центарот на Бангкок, во знак на протест против насилството врз муслиманите Рохинџа во Мјанмар, јавува Anadolu Agency (AA).
Некои извикуваа во знак на поддршка за Рохинџа, а пак други носеа маици испишани со слогани со кои повикуваа на акција во државата Аракан (Ракајн) во Мјанмар, во која 86 до 500 лица загинаа како последица на воените операции започнати по фаталните напади на полициските станици минатиот месец.
„Сакаме да престанете да ги убивате нашите браќа и сестри во Мјанмар“, изјави за АА генералниот секретар на Тајландската група на Рохинџа.
„Престанете со геноцидот веднаш“, повика Хаџи Исмаил.
Слични настани денес се случија и пред амбасадите на Мјанмар во Џакарта и во Куала Лумпур.
Во изминатите шест недели, групите за човекови права изразија загриженост во врска со извештаите за убиства, силување, произволни апсења и други насилства во селата населени од Рохинџите во Ракајн, како последица на воените операции што започнаа по нападите коишто се случија на 9 октомври.
Тие повикаа на независна истрага за првичните напади, за тековните операции и за пријавите за кршење на човековите права во областа.
Од Мјанмар се вели дека од 9. октомври загинале најмалку 86 лица – 17 војници и 69 наводни напаѓачи (меѓу кои и две жени), како и дека бил уништен имот во областа окупирана од муслиманите Рохинџа.
Групата на Рохинџа, сепак, потврди дека бројот на загинатите за време на еден викенд овој месец би можел да биде и до 150 цивили.