Ekipa
04 Септември 2021•Ажурирај: 05 Септември 2021
КАБУЛ (АА) - Талибанците го одложуваат формирањето влада во Авганистан откако ја презедоа контролата врз 33 покраини, меѓу кои и главниот град Кабул, принудувајќи го поранешниот претседател Ашраф Гани и други официјални претставници да ја напуштат земјата на 15 август, јавува Агенција Анадолија (АА).
Повеќето од 33 главни градови на покраините беа преземени од талибанците без крвопролевање, но судирите продолжуваат во Паншир, единствената покраина што се бори против нив, предводена од Ахмад Масуд - син на командантот Ахмад Шах Масуд, и Бисмилах Мохамеди, министерот за одбрана во Владата на Гани.
Талибанскиот водач Шер Мохамад Станикзаи во средата за еден странски медиум изјави дека владата ќе биде формирана за два дена, поттикнувајќи ги шпекулациите дека може да се формира в петок.
Талибанците, кои потпишаа мировен договор со САД во Доха во февруари минатата година за повлекување на сите странски сили од Авганистан, не дадоа коментар.
И покрај потпишувањето на Договорот во Доха, талибанските претставници експлицитно рекоа дека имаат намера да воспостават „Исламски емират“ под водство на нивниот врховен лидер, Малави Хибатулах Ахунџада.
И покрај јасното соопштение од талибанската страна, локален авганистански информативен канал, повикувајќи се на непознати извори, објави дека новата влада ќе има совет раководен од 53-годишниот Мула Абдул Гани Барадар.
Според „Толо њуз“, на Барадар, кој раководи со политичката канцеларија на талибанците, во новата влада ќе му се придружат Мула Мохамад Јакуб, син на починатиот талибански коосновач Мула Омар, и Шер Мохамад Абас Станекзаи - шефот на политичката канцеларија на талибанците во Катар.
Основачкиот член на талибанското движење во 1990-тите години, Барадар, беше гувернер на покраина и заменик-министер за одбрана за време на првото владеење на талибанците во Авганистан. Тој беше уапсен во пакистанскиот пристаништен град Карачи во 2010 година и ослободен во октомври 2018 година на барање на САД.
- Хибатула Ахунџада -
Ахунџада е роден во 1961 година во Панџвај, во јужната покраина Кандахар - верски лидер кој ги надгледувал исламските граѓански закони и прашања поврзани со судската практика како шеф на правосудството за време на режимот на талибанците од 1996 до 2001 година.
Талибанскиот водач потекнува од моќниот клан Нурзаи од етничките Паштуни. Тој дојде на функцијата во 2016 година по неговиот претходник Мула Ахтар Мансур, кој беше убиен во напад на американски дрон во југозападната пакистанска покраина Белуџистан.
- Економска криза -
Талибанците се соочуваат со финансиски потешкотии бидејќи средствата на државата се чуваат надвор, а населението во земјата сè уште нема слушнато за економските планови на талибанците.
Населението чека пред неколку банки уште пред да се отворат филијалите за да повлече до 20.000 авгани (200 долари) неделен лимит што го постави Централната банка на земјата откако остана затворенa повеќе од една недела по заземањето на Кабул од талибанците на 15 август.
Поради недостиг на јасност во врска со администрирањето на земјата откако талибанците ја презедоа контролата врз Кабул, ММФ го запре пристапот на Авганистан до ресурсите на Фондот, меѓу кои и на околу 440 милиони долари нови монетарни резерви.
Додека американските власти кажаа дека поголемиот дел од средствата на авганистанската Централна банка, приближно 10 милијарди долари, се чуваат надвор од земјата, истите се надвор од дофат на талибанците.
„Сите средства на авганистанската Централна банка што се чуваат во САД нема да бидат достапни за талибанците“, изјави администрацијата на Џо Бајден за странските медиуми.