Sayed Khodaberdi Sadat
28 Август 2019•Ажурирај: 28 Август 2019
КАБУЛ (АА) - Најмалку 11 припадници на Авганистанските безбедносни сили се убиени во вооружен напад кој талибанските милитанти го извршија доцна синоќа во северниот дел на земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Цел на нападите беше станицата на полицијата во покраината Џаузџан, а меѓу убиените се наоѓа и командирот.
Локалниот официјален претставник, Алиф Шах, соопшти дека во размената на оган и Талибанците претрпеле големи загуби.
Од талибанското движење тврдат дека ја презеле контролата над нападнатиот пункт.
Нападот се случи кратко откако од талибанското движење соопштија дека постигнувањето мировен договор со САД е блиску и дека се подготвени да преговараат со сите авганистански групи за формирање нова власт.
Авганистан речиси две децении е средиште на длабока безбедносна и политичка криза. Кризата се огледува во постојаните судири меѓу авганистанските безбедносни сили и талибанското движење, кое контролира речиси половина од територијата на Авганистан.
Додатен безбедносен проблем е терористичката организација ДЕАШ, која ги интензивираше активностите во земјата по претрпениот пораз во Ирак и Сирија.
Претседателот на Авганистан, Ашраф Гани, на последниот Светски економски форум во Давос изјави дека од 2014 година загинале најмалку 45.000 авганистански војници и полицајци.