Ekipa
10 Ноември 2021•Ажурирај: 11 Ноември 2021
ИСЛАМАБАД (АА) - Привремената Влада на талибанците денес го објави формирањето на Воен суд за спроведување на исламското право во Авганистан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Судот е формиран со команда на врховниот лидер Хебатула Ахунџада за да го спроведе „шеријатскиот систем, декрети согласно религијата и социјалните реформи“, истакна Енамула Самангани, заменикот-портпарол на талибанците, преку соопштение.
„Обаидула Незами беше назначен како претседател на судот, со Сајед Агдаз и Зајед Ахунџадех како негови заменици“, се додава во соопштението.
Според Самангани, Воениот суд ќе има овластувања да ги интерпретира шеријатските пресуди, да издава декрети поврзани со исламското цивилно право и јуриспруденција на битни случаи, како и да регистрира жалби, тужби и петиции против талибанските официјални лица и припадниците на полицијата, Армијата и разузнавачките единици.
По падот на Владата поддржана од Западот и враќањето на талибанците на власт во август, правниот систем остана парализиран, но талибанците наведуваат дека го спроведуваат законот и јавниот ред.
Во меѓувреме, Високата дирекција за разузнавање, одделот за разузнавање на талибанците, истакна дека стапката на криминал е намалена, и дека од нивното доаѓање на власт приведени се 82 киднапери и десетици крадци.
Хасан Ахунд, вршителот на должноста премиер, им посочи на полицајците да истражуваат за случајот на „апсење и тортура“ на Алах Ѓул Муџахид, поранешен член на Волеси Џирга (Долниот дом).
Ова беше проследено со видеа од Муџахид објавени на социјалните мрежи, на кои се гледа како е тепан и навредуван од талибанските сили.