Nuran Erkul Kaya
01 Јули 2019•Ажурирај: 02 Јули 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Трансанадолискиот гасовод за природен гас (ТАНАП), најдолгиот дел од Јужниот гасен коридор, од денес е подготвен за испорака на гас од Азербејџан во Европа, јавува Anadolu Agency (AA).
Од компанијата задолжена за проектот ТАНАП е соопштено дека е завршен кракот од 1.850 километри, кој од Ардахан поминува низ 20 покраини, 67 подрачја и 600 села во Турција.
ТАНАП од денес е подготвен гасот од азербејџанското гасно поле „Шах Дениз 2“ на турско-грчката граница да го испорача на Трансјадранскиот гасовод (ТАП). Откако ТАП ќе биде завршен, азербејџанскиот гас од наредната година ќе биде доставен на европскиот пазар.
Претседателот на нафтената компанија SOCAR, Ровнаг Абдулајев, потсети дека минатата година започнала првата испорака на гас на Турција преку ТАНАП.
„Од денес ТАНАП е подготвен за испорака на природен гас на Европа и само чека завршување на работите на ТАП. Денес Азербејџан повторно на целиот свет му покажа дека има успешни големи проекти, не само во земјата, туку и странство, и ќе ги реализира многу ефикасно и на време“, изјави Абдулајев.
Протокот на гас за Турција преку ТАНАП, чии инвестиции изнесуваа околу седум милијарди долари, започна на 30 јуни 2018 година.