Berk Kutay Gökmen
13 Август 2025•Ажурирај: 14 Август 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Едно лице се води за исчезнато, а најмалку 112 лица се повредени кога тајфунот Подул го зафати Јужен Тајван денес откако стигна до југоистокот на островот, објави Центарот за итни операции на земјата, известува Анадолу.
Бурата донесе силни ветрови и обилни врнежи од дожд што го нарушија секојдневниот живот, а над 8.000 луѓе се евакуирани од осум града и окрузи, меѓу кои и Тајнан, Каосиунг, Пингтунг, Хуалиен и Тајтунг. Во некои области се затворени училиштата бидејќи тајфунот се приближува кон крајбрежните острови, објави Фокус Тајван.
Исчезнатото лице е идентификувано како 28-годишен маж за кој се верува дека исчезнал откако бил однесен во морето во Будаи, Јужен Тајван, додека ловел риба.
Претходно поради тајфунот се запрени железничките, фериботските и авионските активности во поголем дел од регионот.
Во еден момент без струја останаа над 292.000 домаќинства низ целата земја. Подоцна електрична енергија добија речиси 250.000 домови, а 42.677 сè уште се во темница.
Обилните дождови што ги донесе тајфунот предизвикаа поплави во некои јужни делови на земјата.
Според Централната метеоролошка управа на Тајван, тајфунот стигна до копното околу 13 часот по локално време.
Се очекува тајфунот Подул да ја продолжи својата траекторија кон копното во Јужна Кина, а властите за контрола на поплави во провинциите Гуангдонг и Фуџијан ги зголемија нивоата на тревога, објави кинескиот државен весник „Глобал тајмс“.
- Три лица загинаа од обилните дождови во Јужна Кореја
Три лица загинаа, а повеќе од 20 се водат за исчезнати по обилните дождови што го зафатија подрачјето Сеул, главниот град на Јужна Кореја, објави Јонхап њуз.
Се очекува обилните дождови да продолжат до четврток, а централниот штаб за катастрофи го подигна степенот на итен одговор на ниво 2.