Levent Tok,Selen Temizer,Ömer Koparan
15 Април 2019•Ажурирај: 16 Април 2019
АНКАРА (АА) - Терористичката организација ЈПГ/ПКК во окупираните подрачја во северниот дел на Сирија гради подземни тунели и засолништа, јавува Anadolu Agency (AA).
Репортерите на АА уште во декември минатата година снимија како терористите на ЈПГ/ПКК копаат тунели во Мунбич и Кобани (Ајн ал-Араби).
Новите снимки на репортерите на АА покажуваат дека копањето на тунелите трае и понатаму.
Терористите градат подземна мрежа на тунели и засолништа по должината на пограничниот појас во регионите на Тел Абјад, Расулајн, Камишли и Маликије.
Градејќи тунели и подземни засолништа, терористите на ЈПГ/ПКК се подготвуваат за можни антитерористички операции на Турските вооружени сили на источниот брег на Еуфрат.
Слични подземни тунели и засолништа терористите на ЈПГ/ПКК изградија и во Африн, кој минатата година беше ослободен во операцијата „Маслинова гранка“, што ја изведоа Турските вооружени сили и опозициската Слободна сириска војска.
Терористите на ЈПГ/ПКК под окупација држат речиси една третина од територијата на Сирија.
ОД 2015 година наваму, САД ја поддржуваат терористичката организација и ја сметаат за партнер во борбата против терористичката организација ДЕАШ. Република Турција, која е соседна земја, остро се противи на соработката и тврди дека борбата против терористите не може да се одвива со некоја друга терористичка група.
Турските вооружени сили во 2016 и во 2018 година изведоа успешни антитерористички операции „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“, со кои во северозападниот дел на Сирија е неутрализирано присуството на терористите на ДЕАШ и е спречен планот за воспоставување на коридорот на терористите на ЈПГ/ПКК.