Ekipa
21 Јануари 2020•Ажурирај: 22 Јануари 2020
ДАВОС (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп денеска потврди дека тарифите на Кина ќе останат за време на преговорите за Трговскиот договор со Пекинг кои се во втора фаза, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во својот говор за време на отворањето на 50. издание на Светскиот економски форум во Давос, Трамп, својот однос со кинескиот претседател Си Ѓинпинг го нарече „извонреден“, велејќи дека односите меѓу двајцата ривали се подобриле по потешкотиите.
„Си Ѓипинг е за Кина, јас сум за САД - освен тоа, ние меѓусебе се сакаме“, рече тој, предизвикувајќи смеа во публиката.
Трамп потоа продолжи велејќи дека доколку Вашингтон не наметнал тарифи за Кина, последната фаза од трговскиот договор не би била возможна.
„Затоа повеќето од нашите тарифи за Кина ќе останат во текот на втората фаза од преговорите“, изјави тој.
Во својот речиси 30-минутен говор, Трамп ги пофали „огромните“ економски достигнувања во текот на првите три години од неговата администрација и ја критикуваше неактивноста на претходните влади на САД во спротивставувањето на „предаторските практики“ на Кина.
Трамп рече дека двата трговски договори што неговата администрација ги потпишала во текот на неделата со Кина и со Канада и Мексико го претставуваат „новиот модел на трговија во 21 век“.
Тој додаде дека со неговото претседателствување „се вратил американскиот сон“, и дека „големиот американски ’кам-бек‘“ би бил „проработник, просемејство и програѓанин“.
„Заминувам во Давос, Швајцарија, за да се состанам со светските и економските лидери и во Соединетите Американски Држави (САД) повторно да донесам добра политика и додатни стотици милијарди долари. Ние досега сме број еден во светот“, напиша Трамп на Твитер пред заминувањето за Давос.
Се очекува за време на форумот Трамп да се состане со неколкумина светски лидери, меѓу кои и со ирачкиот претседател Бархам Салих, пакистанскиот премиер Имран Кан, со претседателот на Регионалната курдска управа во северен Ирак, Нечирван Барзани, претседателката на Швајцарската конфедерација, Симонета Сомаруга и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.