Umar Farooq
03 Јануари 2019•Ажурирај: 04 Јануари 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Соединетите Американски Држави (САД) сакаат да ја заштитат терористичката организација ЈПГ/ ПКК, и покрај продавањето нафта на Иран, и го отфрли присуството „засекогаш“ на американските сили во северна Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Говорејќи пред новинарите на состанокот на неговиот Кабинет, Трамп се осврна на продажбата на нафта за Иран од страна на американските партнери, но нагласи дека Вашингтон, сепак, сака да ја осигура нивната безбедност.
„Курдите, нашите партнери, му продаваат нафта на Иран“, рече Трамп мислејќи на ЈПГ, сирискиот огранок на терористичката организација ПКК, која води над 30-годишна терористичка кампања против Турција, убивајќи, притоа, речиси 40.000 луѓе.
Трамп нагласи дека САД не се „воодушевени“ поради продажбата на нафта.
„Без оглед на тоа, ние сакаме да ги заштитиме Курдите“, додаде Трамп. „Но не сакам да бидеме во Сирија засекогаш. Тоа е песок и тоа е смрт.“
Минатиот месец Трамп направи неочекувана одлука за повлекување на 2.000 американски војници од Сирија, предизвикувајќи критики од многу сојузници и советници за безбедност, вклучувајќи и од неговиот сопствен кабинет.
По соопштувањето на Трамп, секретарот за одбрана, Џејмс Матис, испрати писмо со оставка.
Трамп продолжи со побивање на наводите дека наложил четиримесечен план за повлекување, велејќи дека тоа ќе се случува одреден временски период. Меѓутоа, тој не даде јасна временска рамка кога комплетно сите американски војници ќе го напуштат тоа подрачје.
Претходно оваа недела, пак, Трамп ги поддржа своите првични коментари, повикувајќи на брзо повлекување од Сирија.
„Полека, ги испраќаме нашите војници дома за да бидат со своите семејства, а во исто време се бориме со остатоците на ИСИС“, објави Трамп во понеделникот, мислејќи на терористичката организација ДЕАШ.