Mahmoud Barakat
03 Јануари 2019•Ажурирај: 04 Јануари 2019
АНКАРА (АА) - Во Саудиска Арабија започна судскиот процес против лицата вмешани во убиството на новинарот Џамал Кашоги во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул. Саудиското Обвинителство побара смртна казна за 5-мина од 11-те обвинети, јавува Anadolu Agency (AA).
Според веста што ја објави официјалната информативна агенција на Саудиска Арабија, СПА, денеска пред судот во Ријад за првпат се појавиле 11-те обвинети, заедно со своите адвокати во врска со случајот за убиството на новинарот Кашоги.
Во веста се вели дека по прочитаното обвинение, осомничените го побарале обвинителниот акт од судот и време за да се подготви одбраната.
Во продолжение на веста се вели дека судот, со цел да се спроведе потребната истрага, сослушувањето го одложило за друг датум.
Во соопштението на Обвинителството се вели дека за 11-те обвинети, меѓу кои се и 5-мина за кои е предложена смртна казна, „побарана е примена на Законот на Шеријат“.
Покрај тоа, во веста се истакнува дека јавниот обвинител соопштил дека до турското Јавно обвинителство „во врска со случајот, претходно се упатени две одделни писмени барања за испраќање на сите докази што ги поседува Турција“.
Јавното обвинителство на Саудиска Арабија на 15 ноември објави дека од 21 осомничен, 11-мина се обвинети за злосторство, од кои за 5-мина се бара смртна казна.
Саудискиот новинар Џамал Кашоги, колумнист во американскиот весник „Вашингтон пост“, исчезна по влегувањето во саудискиот Конзулат во Истанбул на 2 октомври.
По различните контрадикторни објаснувања, подоцна Ријад призна дека Кашоги бил убиен во зградата на Конзулатот.