Michael Gabriel Hernandez
26 Февруари 2025•Ажурирај: 26 Февруари 2025
ВАШИНГТОН (АА) – Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека украинскиот претседател Владимир Зеленски ќе ја посети Белата куќа во петок за да го финализира договорот со Соединетите Американски Држави (САД) за клучните минерали, јавува Анадолу.
„Претседателот Зеленски доаѓа во петок. Тоа сега е потврдено и ние ќе потпишеме договор, што ќе биде многу голем договор“, им рече Трамп на новинарите откако го свика својот Кабинет првпат по преземањето на функцијата минатиот месец.
Трамп им се заблагодари на секретарот за трговија Хауард Лутник и на секретарот за финансии Скот Бесент за нивната работа на договорот што, како што рече, ќе ги вклучи правата за ретките минерали во Украина и другите природни ресурси.
„Претходната администрација нè стави во многу лоша позиција, но успеавме да направиме договор со кој ќе ги вратиме нашите пари и ќе добиеме многу пари во иднина. И мислам дека тоа е в ред бидејќи имаме даночни обврзници што не треба да ја плаќаат сметката и тие не треба да ја плаќаат сметката повеќе од онаа што ја плаќаат Европејците“, рече Трамп.
„Значи, сè е средено. Среќни сме поради тоа и мислам дека е многу важно, ќе може да склучиме договор“, додаде тој.
Украина лежи на огромни резерви на клучни ретки минерали што е можно да вредат билиони долари. Содржи околу 5 % од вкупните минерални ресурси во светот, според извештајот на Светскиот економски форум од 2024 година.
Покрај тоа што има едни од најголемите потврдени резерви на литиум, Украина може да се пофали и со неонски гас составен дел на полуспроводниците и клучен за производството на чипови, потоа берилиум, ураниум, циркониум, апатит, железна руда и манган.