Mohammad Sıo
26 Февруари 2025•Ажурирај: 27 Февруари 2025
КАИРО (АА) - Египет денес го отфрли секој предлог за преземање контрола врз Појасот Газа, по повикот на израелскиот опозициски лидер Јаир Лапид до Каиро привремено да управува со палестинската територија, јавува Анадолу.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи го нарече предлогот „полурешенија“ што ќе го продолжат циклусот на конфликтот наместо трајно да го решат.
„Сите предлози што ги заобиколуваат константите на египетскиот и ставот на Арапите и здравите основи за справување со суштината на конфликтот, кои се однесуваат на повлекувањето на Израел од окупираните палестински територии и формирањето на независна палестинска држава се неприфатливи“, рече портпаролот на Министерството, Тамим Калаф.
„Овие предлози се половина решенија што само ќе го разгорат конфликтот наместо крајно да го решат“, додаде тој.
Портпаролот ја потврди фундаменталната поврзаност меѓу Газа и окупираниот Западен Брег, вклучително и Источен Ерусалим, како дел од палестинските територии што ја сочинуваат идната палестинска држава. Тој нагласи дека овие области мора да потпаднат под целосен палестински суверенитет и администрација.
Вчера Лапид предложи Египет да ја преземе контролата над Газа до 15 години во замена за отпис на неговиот надворешен долг во вредност од над 150 милијарди долари.
Лапид го дал предлогот за време на говорот во Фондацијата за одбрана на демократиите (FDD) во Вашингтон, а подоцна го соопшти на Х, објави израелскиот дневен весник „Маарив“.
Лапид истакна дека во текот на 15 години „Газа ќе се обнови и ќе се создадат услови за самоуправа. Египет ќе биде централен играч и ќе ја надгледува обновата, што дополнително ќе ја зајакне неговата економија“.
Египет го држеше Појасот Газа речиси две децении по создавањето на Израел во 1948 година, кога еврејските милиции ја зазедоа палестинската земја и извршија масакри што раселија стотици илјади.
Палестинската група на отпорот Хамас отфрли какви било планови за разоружување или отстранување од Газа, нагласувајќи дека иднината на енклавата мора да се одреди преку национален палестински консензус.
Израел продолжува да ги окупира палестинските, сириските и либанските територии и одбива да се повлече или да признае независна палестинска држава со Источен Ерусалим (Источен Кудс) како главен град во границите од пред 1967 година.
Договорот за прекин на огнот во Газа и размена на заробеници е на сила од минатиот месец, со што се запре израелската војна, во која се убиени речиси 48.350 Палестинци, главно жени и деца, а енклавата ја остави во урнатини.
Во ноември минатата година Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.