Hakan Çopur
26 Јануари 2019•Ажурирај: 26 Јануари 2019
ВАШИНГТОН (AA) - Американскиот претседател Доналд Трамп постигна договор со Конгресот за привремена деблокада на федералната влада, јавува Anadolu Agency (AA).
Трамп и лидерите на Конгресот постигнаа договор за привремена деблокада на владата на три седмици, при што за барањето на Трамп за 5,7 милијарди долари за финасирање на ѕидот кон Мексико би се разговарало подоцна.
Во обраќањето во Белата куќа, американскиот претседател изјави дека договор е постигнат со Конгресот, додавајќи дека е спремен на повторна блокада на владата доколку не биде прифатен планот за финансирање на ѕидот на границата со Мексико.
„Да бидам јасен, ние навистина немаме други опции туку да изградиме цврст ѕид или некоја челична бариера. Доколку Конгресот не понуди праведно решение, влада на 15 февруари пак ќе престане со работа", рече Трамп.
Додаде дека ќе ги преземе потребните мерки за да сите вработени наскоро бидат исплатени.
Потсетуваме, републиканците претходно предложија деблокада и финансирање на владата до септември, но во тој предлог беше и барањето на Трамп за изградба на ѕид на границата со Мексико, на што жестоко се противат демократите.
Со делумна блокада на работата на сојузните органи која започна на 22 декември, опфатени се околу 800.000 вработени ширум САД, кои се на принуден одмор или работа без паричен надомест.