Hakan Çopur
27 Октомври 2017•Ажурирај: 28 Октомври 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Со наредба на претседателот на САД, Доналд Трамп, за јавноста станаа достапни 2.891 документ во врска со атентатот на поранешниот американски претседател Џон Ф. Кенеди, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите од Белата куќа, а како што е претходно најавено, Трамп започна со отворање на тајните документи во врска со атентатот на Кенеди.
Националниот архив на САД ги направи достапни на интернет еден дел од тајните документи, а се работи и на отворањето на остатокот.
Се очекува остатокот од документите во врска со овој настан да биде отворен за јавноста до 16 јуни 2018 година.
Кога станува збор за одредени „чувствителни документи“, тие ќе бидат достапни за јавноста дури откако ЦИА и ФБИ ќе направат процена за нив. До документите може да се пристапи преку веб-страницата „archives.gov“.
Трамп неодамна ја најави информацијата за отворањето на документите преку социјалната мрежа „Twiter“ (Твитер).
„За да се дојде до повеќе информации, ќе дозволам да се отворат документите во врска со ЏФК, кои се забранети долго време“, напиша Трамп.
Според Законот за документите поврзани за атентатот на Кенеди од 1992 година, надлежните органи се должни во рок од 25 години да објават милиони документи, а во поголемиот дел се работи за документи поврзани со ФБИ и ЦИА. Тој рок истекува на 26 октомври оваа година.
Американскиот национален архив досега објави голем број документи во врска со Кенеди, но одредени информации во досието се достапни само со дозвола на претседателот на земјата.