Umar Farooq
21 Октомври 2018•Ажурирај: 21 Октомври 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп истакна дека ќе ја повлече земјата од Договорот за нуклеарно оружје со Русија, јавува Anadolu Agency (AA).
Пактот за кој станува збор е Договорот за елиминирање на ракети со среден и краток дострел (INF), кој беше ратификуван во 1987 година од страна на САД и тогашниот Советски Сојуз, кој ги елиминира сите нуклеарни проектили и фрлачи со дострел од 500 до 5.500 километри.
Трамп разговараше со новинарите по митинг во Невада и рече: „Русија го прекрши Договорот“.
„Ние ќе го прекинеме Договорот и ќе се повлечеме од него“, додаде Трамп.
Забелешките на Трамп доаѓаат во пресрет на подготовките за заминувањето на советникот за национална безбедност, Џон Болтон за Москва во почетокот на следнава недела за средби со рускиот претседател Владимир Путин.
Пактот им отежнуваше на САД да развијат ново оружје за борба против обидот на Кина да наметне доминација во однос на нуклеарното оружје во регионот на Западен Пацифик.
Кина не е дел од Договорот, и затоа не е ограничена во развојот на нуклеарните проектили.
Трамп понатаму го критикуваше поранешниот претседател Барак Обама за останувањето во Договорот, истакнувајќи дека Русија развива оружје што е забрането со споменатиот Договор.
Трамп не даде временска рамка за тоа кога САД официјално ќе се повлечат од Договорот.