Hakan Çopur
06 Септември 2017•Ажурирај: 07 Септември 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Председателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, соопшти дека донел одлука за шест месеци да се заврши програмата ДАЦА (DACA), која има за цел заштита на мигрантите, особено мигрантите од латиноамериканско потекло, кои како малолетни илегално биле донесени во САД од страна на нивните семејства, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на Белата куќа се наведува дека Трамп ја укинува програмата ДАЦА (Deferred Action for Childhood Arrivals), која им овозможува на децата-мигранти кои илегално биле донесени во САД, да престојуваат во земјата.
„Мојот најважен приоритет како претседател е заштита на американскиот народ и на Уставот. Не го застапувам тоа дека децата кои моментално се возрасни, треба да бидат казнети поради актите на нивните семејства. Но, бидејќи сме правна држава, треба да прифатиме дека сме и земја на можности“, истакна Трамп.
- Одлуката на Обама не е уставна -
Трамп тврди дека поранешниот претседател Барак Обама, кој во 2012 година донесе одлука за прифаќање на децата илегални мигранти, наместо да усвои закон во Конгресот, дејствувал со претседателски декрет, и дека тоа е неуставно.
„Веќе е време Конгресот да дејствува“, вели Трамп, истакнувајќи дека тие како извршен орган ја вршеле својата задача, и оти очекуваат законодавниот орган колку што е можно поскоро да ја изврши правната работа во врска со мигрантите.
- Сешнс со апел до Конгресот -
Главниот американски правобранител, Џеф Сешнс, во врска со ова прашање одржа прес-конференција во американското Министерство за правда. „Тука сум за да соопштам дека програмата ДАЦА, која беше ставена во функција во периодот на администрацијата на Обама, се укинува“, истакна Сешнс за време на прес-конференцијата.
Сешнс пренесе дека Трамп за време на изборите му ветил на американскиот народ дека ќе ја прекине програмата ДАЦА, истакнувајќи дека посакуваат Конгресот да усвои нов закон во врска со ова прашање.
Сешнс предвидува период на транзиција од шест месеци за спроведување на одлуките, и пренесе дека ќе постапуваат во согласност со законот што ќе биде донесен од страна на Конгресот, пред да истече овој рок.
Откако беше соопштено дека програмата ДАЦА ќе биде откажана, беа организирани протести против одлуката на Трамп. За време на протестите кои се одржаа низ целата земја, особено во Њујорк, Вашингтон и во Денвер, демонстрантите извикуваа пароли како: „Не за омраза, не за страв, мигрантите се добредојдени тука“.
Инаку, Трамп за време на изборната кампања вети дека ќе се укинат регулативите во врска со околу 800.000 мигранти кои илегално влегле во земјата, а за време на администрацијата на Обама им бил овозможен престој во САД. Тој претходно истакна дека во САД не треба да има илегални мигранти, без оглед на која возраст се тие.
Според програмата ДАЦА, мигрантите кои влегле во земјата пред да наполнат 16 години, во 2012 година навршиле 31 година, не се вмешани во кривично дело, се образуваат и работат во САД, ставени се под заштита од депортирање. Со оваа програма, која ја користеле околу 800.000 лица, мигрантите добиле обновлива работна довола на две години, и со тоа се одложува нивното депортирање.