Ekip
02 Јули 2022•Ажурирај: 03 Јули 2022
ПАРИЗ (АА) - На аеродромите во Париз денес владееше хаотична состојба, бидејќи работниците трет ден по ред ги продолжија протестите барајќи подобри плати, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Десетици летови се откажани на главниот париски аеродром Руаси-Шарл де Гол, а патниците се соочија со бројни проблеми, вклучувајќи и изгубен багаж и долго чекање.
Како што известува францускиот дневен весник „Либерасион“, денес во периодот од 5 до 12 часот по локално време е откажан секој петти лет.
Аеродромските власти издадоа предупредување до патниците да пристигнат најмалку 2 до три часа порано.
Работниците на париските аеродроми, како и пожарникарите на Шарл де Гол, штрајкуваат од четвртокот, со барање за зголемување на платите од 6% ретроактивно до 1 јануари, додека управата предлага зголемување од 3%, информираат француските медиуми.
Штрајкот е уште една отежнувачка околност за аеродромите кои сè уште закрепнуваат по двегодишните мерки воведени поради пандемијата на коронавирусот.
Во петокот аеродромските работници се обидоа да го свртат вниманието кон инфлацијата.
Синдикатите рекоа дека штрајкот би можел да трае до недела.