Dilara Hamit
07 Септември 2021•Ажурирај: 09 Септември 2021
АНКАРА
Катарски авион со хуманитарна помош пристигна денес на аеродромот во Кабул, Авганистан, што е трет ваков лет од арапската земја, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Катарската новинска агенција објави дека пратката содржела 25 тони храна, хуманитарна помош и медицински материјали обезбедени од Катарската добротворна организација во координација со Катарскиот фонд за развој.
Се наведува дека катарската хуманитарна помош за Авганистан досега достигнала 68 тони.
Тим од Катар пристигна во Авганистан минатата среда за да помогне националната авиокомпанија на земјата и аеродромот во главниот град да продолжат со работа.
Комерцијалните авиони на „Аријана Авганистан ерлајнс“, како и воените авиони и хеликоптери на аеродромот, наводно, биле оштетени од американските сили.
На 31 август, САД објавија дека ги завршиле напорите за повлекување на сите свои сили од Авганистан, со што се стави крај на најдолгата војна во американската историја.
Две недели пред повлекувањето, талибанците го зазедоа Кабул, што предизвика паника кај луѓето, а илјадници луѓе се собраа на градскиот аеродром во обид да избегаат од земјата.
Околу 130.000 луѓе, вклучително и Американци и Авганистанци, ја напуштија земјата како дел од масовната операција за евакуација.