Seda Tolmaç
16 Февруари 2025•Ажурирај: 19 Февруари 2025
АНКАРА (АА) - Туркије испрати 25-член технички тим во Сирија за да започне со работа на обнова на меѓународниот аеродром во Дамаск, кој беше сериозно оштетен за време на 13-годишната граѓанска војна во земјата, јавува Анадолу.
Турскиот министер за транспорт и инфраструктура Абдулкадир Уралоглу изјави дека турски тим, составен од персонал од Дирекцијата за државни аеродроми, работи на тоа аеродромот во сириската престолнина повторно да биде оперативен.
„Со цел да осигураме безбедни летови на меѓународниот аеродром во Дамаск и во сирискиот воздушен простор, испративме 113 возила, уреди и системи во шест камиони. Нашиот тим ќе го обучува и персоналот на аеродромот“, рече Уралоглу.
Тој додаде дека за да се подобри безбедноста на аеродромот, Туркије обезбедила десет апарати за рендген, четири детектори за траги од експлозив, десет детектори за метал и осум рачни детектори за метал.
„Нашите тимови, кои работат во координација со сириските власти, ја завршија инсталацијата на повеќето од овие уреди. Продолжуваат напорите за подобрување на безбедносните нивоа, а се подготвуваат и извештаи за да се решат преостанатите недостатоци“, наведе турскиот министер.
Туркије, исто така, обезбеди две возила ‘Volkan Lion 8x8’ од домашно производство, комбинирани спасувачки и противпожарни возила и разновидна противпожарна опрема за да се подобри одговорот при итни случаи на аеродромот.
„Овие возила ќе ја модернизираат постоечката флота и ќе ја подобрат класификацијата за заштита од пожари на аеродромот. Сирискиот персонал ја мина обуката за новата опрема, а нашите тимови работат на тоа да операциите за гаснење на пожарите се доведе до меѓународните стандарди“, рече Уралоглу.
Турскиот министер истакна дека Туркије ќе ја продолжи соработката на зајакнување на воздушната инфраструктура на пријателската и братска Сирија.