Büşra Nur Çakmak
15 Февруари 2022•Ажурирај: 15 Февруари 2022
АНКАРА (АА) - Турција и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) денес, за време на посетата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на земјата, потпишаа 13 договори во различни области, јавува Агенција Анадолија (АА).
На состанокот меѓу делегациите на Турција и ОАЕ со кој раководеа турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и престолонаследникот на Абу Даби, шеикот Мухамед бин Зајед ал Нахјан, потпишани се договори во полето на одбранбената индустрија, здравството, климатските промени, индустријата, технологијата, трговијата, економијата, културата, земјоделството, економијата, транспортот, справувањето со катастрофи, метеорологијата, комуникациите и архивите.
„Комплементарната структура на економиите на двете земји всушност укажува на потенцијал далеку поголем од сегашните бројки“, истакнал Ердоган, соопшти турското Претседателство.
„Целта на нашата посета е брзо да го реализираме овој потенцијал“, додал Ердоган.
Потпишан е и Протокол за соработка за медиумите од страна на директорот за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун, и шефот на владината канцеларија за медиуми на ОАЕ, Саид ал-Етер.
Протоколот има за цел да ги зголеми пријателските односи меѓу двете земји и да ги развие односите на полето на медиумите и комуникациите.
Според протоколот, двете земји ќе организираат меѓусебни посети на претставници од сферата на медиумите и комуникациите со цел поблиску да се запознаат меѓусебно со актуелниот економски, политички, културен и социјален живот и да разменат мислења за комуникациските активности.
Турскиот претседател престојува во дводневна посета на Обединетите Арапски Емирати на покана на Ал Нахјан.
Ердоган, кој последен пат ги посети ОАЕ во 2013 година, на прес-конференција на аеродромот „Ататурк“ во Истанбул пред да замине за ОАЕ изјави дека Турција и ОАЕ започнаа нова ера во билатералните односи со посетата на престолонаследникот на Абу Даби на Анкара во ноември минатата година.
Вчера, Дирекцијата за комуникации на Турција објави дека за време на посетата на Ердоган ќе се разговара за билатералните односи меѓу Турција и ОАЕ и чекорите за продлабочување на соработката.
Двете страни ќе разменат мислења и за регионалните и меѓународните случувања со согледување за воспоставување и одржување на мирот и стабилноста во регионот.
Ердоган утре ќе го посети и Експо 2020 Дубаи, каде што ќе се одбележи националниот ден на Турција.
Односите меѓу Турција и арапскиот свет доживуваат големо унапредување по годините напнати односи.