Ahmet Gürhan Kartal
14 Февруари 2022•Ажурирај: 15 Февруари 2022
ЛОНДОН (АА) - Британскиот премиер Борис Џонсон ја опиша ситуацијата на украинско-руската граница како многу, многу опасна, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи во Шкотска, каде што е во посета, Џонсон рече дека доказите за претстојната инвазија се прилично јасни.
„Имате околу 130.000 војници собрани на украинската граница. Има разни други знаци дека има сериозни подготовки за инвазија. И ние мора да почитуваме дека можеме да разбереме дека ова е многу, многу опасна, тешка ситуација“, рече британскиот премиер.
Нагласувајќи дека тие се „на работ на бездната“, Џонсон рече дека „сè уште има време рускиот претседател Владимир Путин да се повлече“.
„Ги повикуваме сите да се вклучат во дијалог за да разговараат за тоа како Русите да избегнат катастрофална грешка за Русија“, рече Џонсон.
Цитирајќи го американскиот претседател Џо Бајден, Џонсон рече дека постојат знаци на инвазија.
„Како што слушнавте од претседателот Бајден, тие планираат нешто што би можело да се случи во следните 48 часа“, рече Џонсон.
Тој предупреди дека треба да се направи сè за рускиот претседател да ги разбере „економските и политичките последици од тоа“, нагласувајќи дека светот мора да ја научи лекцијата од 2014 година.
Тој додаде дека Европа мора да ја намали енергетската зависност од руските ресурси и да пронајдат алтернативни извори на енергија.
„Мораме да се подготвиме да воведеме некои многу, многу строги економски санкции кон Русија“, нагласи Џонсон.
Тој додаде дека „важно е Западот да биде обединет“.
„Она што го велам е дека е важно Западот да биде заедно и мислам дека министерот за одбрана (Бен Валас, заб. ав.), е апсолутно во право кога вели дека треба да бидеме силни“, истакна британскиот премиер.
Запрашан дали може да оди во Москва за дипломатски напори за да се спречи каков било конфликт во регионот, Џонсон рече дека ќе направи сè што може за да помогне во дипломатскиот процес и наскоро ќе разговара со различни лидери, вклучувајќи го и Џо Бајден.