Mücahit Aydemir
13 Март 2022•Ажурирај: 14 Март 2022
АНТАЛИЈА (АА) - Панелистите на Дипломатскиот форум во Анталија, Турција, расправаа и за случувањата на Блискиот Исток, истакнувајќи дека е важно да се преземат силни напори со цел да се постигне решение за постоечките проблеми и предизвици во регионот, известува Агенција Анадолија (АА).
Министрите за надворешни работи на Палестина, Ирак, Либан и Австрија ги изнесоа мислењата за случувањата, но и за измените во регионот, како и за потенцијалите на регионот за надминување на историските, етничките и верските разлики.
Министерот за надворешни работи на Палестина, Ријад ал-Малики, укажувајќи на солидарноста што меѓународната заедница ја покажува кон Украина во текот на војната со Русија, рече дека Палестинците се лишени од истата солидарност, иако се соочуваат со насилство и кршење на нивните права.
Тој рече дека чекорите што се преземени во контекст на поддршка кон Украина во само првите 10 дена од судирите со Русија го покажале лицемерието и двојните стандарди на меѓународната заедница.
Во петокот започна вториот Дипломатски форум во Анталија, на кој се собраа бројни политичари, дипломати, креатори на јавното мислење и интелектуалци од целиот свет за да разговараат за актуелните глобални теми.
Форумот, чиј комуникациски партнер е Агенција Анадолија (АА), трае до недела и вклучува бројни панели и дискусии на кои учесниците ќе разговараат за широк спектар теми во врска со меѓународните односи. На Форумот учествуваат и бројни политичари од Балканскиот Регион.