Burç Eruygur
23 Март 2025•Ажурирај: 24 Март 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Украина денес соопшти дека најмалку три лица загинале, а над 10 се повредени во напад на руски дрон во текот на ноќта врз главниот град на земјата Киев, пренесува Анадолу.
„Според достапните информации, три лица загинаа, меѓу кои и едно петгодишно дете. Уште 10 се повредени. Меѓу загинатите се татко и неговата мала ќерка“, се вели во соопштението на градската воена управа на Киев преку Телеграм.
Предупредувањето за воздушен напад над украинскиот главен град траеше повеќе од пет часа, со почеток во 20:39 часот по локално време синоќа, се вели во соопштението.
Се додава дека нападот ја оштетил инфраструктурата, меѓу која има и станбени згради во подрачјата Подилски, Днипровски, Холосиивски, Десниански и Шевченкивски во градот.
Одделно, Украинските воздухопловни сили тврдат дека нивната противвоздушна одбрана соборила 97 од 147 дронови лансирани од Русија над земјата, истакнувајќи дека областите на Киев, Харков, Суми, Чернихив, Одеса и Доњецк биле под удар на нападот.
„Овие напади се секојдневна реалност“, истакна украинскиот претседател Владимир Зеленски преку Х, повикувајќи на поефикасни санкции против Русија со цел да се спречи Москва да ги заобиколи досега наметнатите.
„Потребни се нови одлуки и нов притисок врз Москва за да се стави крај на овие напади и оваа војна. Мораме да ги зајакнеме Украина и нашата армија, со повеќе системи за противвоздушна одбрана и вистинска поддршка“, додаде Зеленски.
Руските власти сѐ уште не ги коментирале нападите во текот на ноќта.
Нападите се случија пред утрешниот состанок на делегации на Москва и Киев со нивните американски колеги во Саудиска Арабија, во услови кога Вашингтон се обидува да издејствува мировен договор меѓу двете завојувани земји.