Meiramgul Kussainova
12 Април 2022•Ажурирај: 12 Април 2022
КИЕВ (АА - Единицата за специјални операции на Украина „Азов“ вчера соопшти дека руските сили фрлиле отровна супстанција од непознато потекло во градот Мариупол од беспилотно летало, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според Баталјонот „Азов“, по нападот кај луѓето се забележани проблеми со дишењето.
„Пред околу еден час, руските окупаторски сили употребија отровна супстанција од непознато потекло против украинската војска и цивилите на градот Мариупол, која беше пуштена од непријателот од дрон. Жртвите имаат проблеми со дишењето, вестибуларно-атактичен синдром“, напишаа на Телеграм.
Симптомите на вестибуларно-атактичен синдром вклучуваат честа вртоглавица, особено при одење, треперење, гадење, повраќање и главоболка.
Се истакнува дека ефектите од токсичната супстанција се истражуваат.
Војната на Русија во Украина, која започна на 24 февруари, наиде на остра меѓународна осуда, а ЕУ, САД и Велика Британија, меѓу останатите, воведоа санкции против Москва.
Според Обединетите нации (ОН), досега во војната во Украина загинале најмалку 1.793 цивили, а 2.439 се повредени, од каде што наведуваат дека вистинската бројка е веројатно многу повисока.
Над 4,5 милиони Украинци пребегаа во разни европски земји, а милиони се внатрешно раселени во земјата, според Агенцијата за бегалци на ОН.