Bayram Altuğ
26 Мај 2022•Ажурирај: 27 Мај 2022
ДАВОС (АА) - Турција е најуспешна во посредувањето во конфликтот од сите земји што се понудија да посредуваат помеѓу Украина и Русија во обид да се стави крај на војната, изјави украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, јавува Агенција Анадолија (АА).
Кулеба имаше обраќање на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.
„Состанокот на руската и украинската преговарачка делегација во Истанбул, беше и највисоката точка во преговарачкиот процес“, рече Кулеба.
Истакнувајќи дека преговарачкиот процес пропаднал по средбата во Истанбул, Кулеба истакна дека не се ни сеќава кога последен пат се состанала работната група што ги водеше преговорите меѓу двете земји.
Првата и последната средба на високо ниво на министрите за надворешни работи на Украина и Русија, Кулеба и Сергеј Лавров, се одржа на 10 март на маргините на Дипломатскиот форум во Анталија, додека на 29 март преговарачите од двете земји се сретнаа во Истанбул.
„Украина никогаш не одбила да ги продолжи преговорите со Русија“, изјави претходно Кулеба за АА, но додаде дека Украина одбила да ги прифати руските ултиматуми.
Киев многупати истакна дека е подготвен за преговори со Москва.