Mustafa Deveci
28 Ноември 2017•Ажурирај: 29 Ноември 2017
АНКАРА (АА) - Ќерката на претседателот на САД и негова советничка, Иванка Трамп, денеска пристигна во индискиот град Хајдерабад каде што ќе учествува на Самитот за глобално претприемништво, кој започна денес, јавува Anadolu Agency (AA).
Подготовките за посетата на Иванка Трамп на Хајдерабад започнаа пред неколку недели. Полицијата во изминатите денови ги собра просјаците и бездомниците од улиците на градот и ги смести во домови. Сакајќи да ги отстрани сите просјаци од улиците, полицијата објавила дека за секој пријавен просјак на улица, на дојавувачот ќе му бидат исплатени 7,5 долари.
По повод Самитот што се одржува во градот Хајдерабад, обоени и уредени се неколку надвозници и згради. Покрај патиштата и на надвозниците, поставени се рекламни паноа со слики и изјави на Иванка Трамп.
Исто така, зголемени се безбедносните мерки во градот, а во текот на двата дена на самитот ќе бидат ангажирани 10.000 полицајци и војници. За да не дојде до застој во сообраќајот, наставата во образованието е запрена.
Самитот за глобално претприемништво ќе го отворат индискиот премиер Нарендра Моди и Иванка Трамп. Премиерот Моди вечерва ќе приреди вечера во дворецот Фалакнума, во чест на Иванка Трамп. Не се очекува Иванка Трамп да одржи прес-конференција, а до завршувањето на Самитот в среда, таа ќе учествува на два панела.
На Самитот за којшто се преземени силни безбедносни мерки, ќе учествуваат 1.200 гости, меѓу кои и Чери Блер, сопруга на поранешниот премиер на Велика Британија.